Бројот на загинати во дводневните судири меѓу безбедносните сили и силите лојални на соборениот сириски претседател Башар ал Асад и последователните убиства од одмазда се искачи на повеќе од 1.000, меѓу кои 750 цивили, пренесува АП.
Тоа е еден од најсмртоносните акти на насилство од почетокот на конфликтот во Сирија пред 14 години.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија соопшти дека 745 се цивили, повеќето убиени во масакри, 125 се членови на владините безбедносни сили и 148 се борци од вооружени групи поврзани со Асад.
Судирите, кои избувнаа претходно оваа недела, означија голема ескалација на предизвикот за новата влада во Дамаск, три месеци откако бунтовниците ја презедоа власта по соборувањето на Асад.
Владата соопшти дека одговара на нападите на остатоците од силите на Асад и ги обвини „индивидуалните акции“ за ширењето насилство.






