Нагло поскапе дизелот на светско ниво по санкциите на САД за руската нафта

Цените на дизелот драстично пораснаа по последната рунда американски санкции за руската трговија со нафта поради очекувањата дека мерките ќе ја намалат понудата.



Во Македонија, по вчерашната одлука на Регулаторната комисија дизелот од денеска е поскап за 2 денари.

Новата цена на дизелот од полноќ ќе изнесува 75,50 денари за литар.

Блокирани 65 танкери со руска нафта

Да потсетиме, САД пред една недела воведоа најстроги санкции против руските производители и танкери со цел да го ограничат приходот на вториот по големина светски извозник на нафта, со кој Москва ја финансира војната во Украина.

„Цените на дизелот пораснаа по веста за санкциите и очекуваме значителни нарушувања на извозот на рускиот дизел“, рече аналитичарката на Energy Aspects, Наталија Лосада. Таа додаде дека се доведени во прашање најмалку 150.000 барели дневно извоз на руски дизел од рафинериите Гаспромњефт и Сургутнефтегас.

Студеното време на северната хемисфера веќе го фаворизираше растот на цените на пазарот на дизел.

 

Европа, која пред западните санкции во 2022 година беше најголемиот купувач на руски дизел, се префрли на испораките од Индија, Блискиот Исток и САД за да го покрие недостатокот.

Иако повеќето од 183 санкционирани бродови се користеа за транспорт на сурова нафта и мазут, а не за дизел, постои загриженост дека санкциите би можеле да влијаат на рафинериите во Индија и Кина, намалувајќи го нивното производство на дизел и извозот во Европа, рече аналитичарот на Sparta Commodities, Џејмс. Бесвик.

Најголемите купувачи на руски дизел, Турција и Бразил, ќе мора да најдат алтернативни продавачи како што се САД и земјите од Блискиот Исток, доколку руските испораки се значително нарушени, додаде тој, зголемувајќи ја конкуренцијата за европските купувачи.