Кирил Буданов, шеф на украинската разузнавачка служба, вели дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални починал од природна смрт поради тромбоза.
„Можеби ќе ве разочарам, но она што го знаеме е дека тој навистина починал поради згрутчување на крвта. И тоа е помалку или повеќе потврдено. Тоа го знаеме“, одговори Буданов на новинарско прашање дали Главната разузнавачка управа знаела „на кој начин е убиен Навални“, пренесува Унијан.
Тој посочи дека информацијата не е преземена од интернет. Според него, тоа било природна смрт.
Семејството и соработниците на Навални го обвинуваат Кремљ за неговата смрт, што Москва го отфрла.
Телото на Навални ѝ е предадено на неговата мајка, а датумот на погребот ќе биде одреден подоцна.
Навални почина во затвор во петокот на 16 февруари, а Федералната поправна служба за округот Јамало-Ненец соопшти дека се чувствувал лошо по утринската прошетка и изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран.
Навални служеше 30-годишна затворска казна, меѓу другото, за, како што е наведено во една од пресудите на рускиот суд, основање и финансирање екстремистичка организација и нејзините активности, а беше познат и како остар критичар на Кремљ.






