Решеност за зајакнување на соработката и партнерството изразил македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски во првиот разговор со новиот министер за надворешни на Бугарија, Георг Георгиев.
Како што објави македонскиот министер на социјалните мрежи, со бугарскиот колега разговарале телефонски при што му го честитал назначувањето на функцијата.
-Имав пријателски прв телефонски разговор со Георг Георгиев, новиот министер за надворешни работи на Бугарија. Му го честитав назначувањето и ја изразив нашата решеност да го зајакнеме партнерството, да ја унапредиме соработката и заеднички да придонесеме за регионалната стабилност и заеднички напредок – напиша Муцунски.
Инаку, новиот шеф на бугарската дипломатија Георг Георгиев, важи за лојален кадар на Бојко Борисов од младата генерација. Десет години бил претседател на младинската организација на ГЕРБ, а во 2022 година Борисов станал и негов венчален кум.





