Муцунски: Нашите стратегиски позиции се НАТО, САД и ЕУ

Проблемите со Бугарија треба да ги решаваме заеднички, сметаме дека може да се најде рационално решение што ќе биде прифатливо за нас. Преспанскиот договор мене лично не ми се допаѓа, има навредливи елементи за нас, но стојам на тоа дека меѓународното право е нешто што мораме да го почитуваме, вели во интервјуто за МКД.мк Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.



-Стратегиските наши позиции, посебно во делот на политичката и економската соработка, се членството во НАТО, стратегиското партнерство со САД и нашата неостварена стратегиска политичка цел да станеме полноправна земја членка на ЕУ. Не исклучуваме трговска соработка, економска соработка со многу земји низ целиот свет, но сето тоа го правиме на начин координиран со стратегиските партнери. Од таа гледна точка, без никаков сомнеж, ќе продолжиме да бидеме 100 проценти усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Пред еден месец станавме прва земја од регионот со потпишано партнерство за безбедносна и одбранбена соработка со ЕУ. Во таа смисла нашата координација во однос на сите тие прашања ќе продолжи и ќе остане. А истовремено во делот на економската и трговската соработка, каде што таа е усогласена со принципите на ЕУ и на нашите стратегиски партнери, секако дека ќе оди и надвор од границите на земјите членки на ЕУ и на НАТО, кажа Муцунски.

На прашањето што ако утре би добиле официјално писмо од Москва дека Русија сака да ја врати амбасадата во Македонија во обемот пред протерувањето на десетината нивни дипломати од Скопје, Муцунски посочува дека во целост сме усогласени со одбранбената и безбедносна политика на ЕУ

-Улогата на Русија во овој геополитички контекст максимално ја осудуваме. Прво низ призмата на овој стратегиски однос што го имаме, но исто така и низ призмата на флагрантното нарушување на меѓународното јавно право што го прави Русија во последните години. Во однос на кои било такви хипотетички прашања, одлуката би била суверена, но секако дека би била и консултирана и усогласена со нашите стратегиски партнери.

Извор: https://mkd.mk/mucunski-nashite-strategiski-pozicii-se-nato-sad-i-eu-maksimalno-ja-osuduvame-ulogata-na-rusija/