Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски присуствуваше на натпреварот од првото коло во Националната премиерлига на Викторија, во кој фудбалскиот клуб на Македонците, Престон лајонс (поранешна Македонија престон) славеше со 2:1 против клубот на турската заедница Хјум Сити.
„Присуствував на натпревар на Престон Лајонс, еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија.
Во црвено-жолта боја, тука од Мелбурн навивавме за тимот кој е гордост на македонската заедница, успешен спортски модел и симбол на спортскиот дух во Австралија.
Вистинска чест беше, во присуство на успешни стопанственици со македонско потекло, да го бодриме клубот кој ги обединува нашите иселеници и ја негува македонската традиција преку спортот“, порача Муцунски од Австралија, кадешто е во прва официјална посета на шеф на македонската дипломатија по 15 години.






