Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски објави дека е потпишан Договор за стратегиско партнерство меѓу Македонија и Унгарија. „Денеска имав чест да бидам домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој престојуваше во работна посета на нашата земја. Посетата беше заокружена со потпишување на Договор за стратегиско партнерство меѓу владите на двете земји.“ – истакна Муцунски во објавата на својот официјален фејбсук-профил.
Муцунски и Сијарто разговарале за одличните заемни односи меѓу Македонија и Унгарија, ридецениското пријателство и стабилната трговска размена, која, како што вели, бележи постојан порат. „Констатиравме дека македонско-унгарското партнерство, засновано врз силни политички и економски врски, ќе продолжи со уште поголема динамика.“ – додаде шефот на македонската дипломатија Муцунски.
Тој посочи дека во фокусот биле и вропската интеграција на Македонија и недвосмислената поддршка од Унгарија, како и соработката во рамки на НАТО во справувањето со актуелните безбедносни предизвици. Во рамки на посетата, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, бил потпишан и Меморандум за образовна соработка и за стипендирање македонски студенти.
„Неприфатливо е за Унгарија тоа што Брисел сака да ја внесе Украина во Европската Унија преку екстра брз пат, а од друга страна постојано го спречува пристапувањето на земјите од Западниот Балкан. Не постои нормален човек на планетата, кој би помислил дека Украина е во подобра состојба од која било друга земја од Западниот Балкан. Украина ќе ѝ предизвика само штета и тешкотии на Европската Унија, додека земјите од Западниот Балкан би можеле да имаат голема корист од своето приклучување во ЕУ и економски и во поглед на безбедноста.“ – објави министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто на својот официјален фејсбук-профил веднаш по потпишувањето на договорот за стратегиско партнерство меѓу двете држави.






