„Тука сум како претставник на држава која тагува за 59 изгубени животи. Нема содветни зборови кои можат да се кажат во овој момент“ изјави шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски кој утрово го посети Загреб каде се заблагодари на Хрватска што примила на лекување петмина повредени во страотнот пожар во Кочани.
Министерот Муцунски истакна дека во Скопје меѓу првите повици со изрази за солидарност и понудена помош пристигнал од Загреб.
Тој уште еднаш се заблагодари на Хрватска за искрената солидарност што ја искажала по трагедијата.
Хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ рече дека Хрватска е згрозена од трагедијата во Кочани и оти е тешко да се пронајдат зборови за утеха.
„Но, Хрватска може да покаже солидарност. Една од најважните компоненти за помош е покажување емпатија кон соседот и кон пријателот“. рече Грлиќ.
Четворица од повредените пациенти се лекуваат на Клиниката за трауматологија, а еден на Клиниката за детски болести.
Сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност, изјави вчера министерката за здравство на Хрватска, Ирена Хрстиќ.





