Муцунски: Не прифаќаме нови отстапки за идентитетски и историски прашања на ЕУ-патот, билатерализацијата е опасност за Македонија и Балканот

„Ја разбираме потребата да се изнајде решение за одблокирање на нашата европерспектива, но не сме подготвени како Влада за компромис без никаква форма на институционална гаранција и предвидливост на патот напред, ниту за дополнителни отстапки за идентитетски и историски прашања.“ – нагласи Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, синоќа во гостувањето во ТВ Сител.



Муцунски беше категоричен дека билатерализацијата, внесувањето билатерални прашања во процесот на евроинтегрирањето на Македонија создава опасност за неа, но и за сиот регион. „Се среќаваме, имаме и комуникација, која е потпомогната и од одредени земји членки и од институциите во Брисел. Ние го разбираме товарот, односно потребата да се изнајде решение. Но не сме подготвени за решение, што за неколку месеци повторно ќе не стави во истата ситуација и кое ќе значи дополнителни отстапки по однос на национални, идентитетски и историски прашања. Бидејќи, премногу такви отстапки се направени во изминатите 30 години, а времето покажа дека по секоја таква отстапка ни се поставува нов предизвик повторно од истата природа. Работиме на убедување и на Софија и на институциите во Брисел, како и на сите земји- членки на ЕУ,  дека оваа билатерализација создава опасност за нас како држава, но и за сиот регион. Бидејќи, таа пракса почна да се повторува и по други примери и има најави дека ќе се повторува и по однос на евроинтеграцискиот пат и на некои други земји од регионот, а најмногу штети на кредибилитетот на ЕУ. Ние ѝ требаме на ЕУ и ЕУ ни треба нам. Заеднички треба отворено да зборуваме за овие теми.“ – укажа министерот Муцунски,  повторувајќи го ставот на Владата во синоќешното истапување во јавноста.

Тој посочи дека никогаш не ветиле оти овој пат ќе биде лесен, но ветиле дека пристапот ќе биде искрен и оти ќе ги стави на преден план македонските национални интереси.

„Не сме подготвени како Влада за компромис без никаква форма на институционална гаранција и предвидливост на патот напред и добра волја не само од наша страна, која сме подготвени да ја дадеме, но добра волја и од нашите соседи по однос на сите овие прашања, за кои тие изнесуваат  грижи.“ – напомна Муцунски.

Во однос на барањето на новата германска Влада за реформи во ЕУ, шефот на македонската дипломатија укажа дека гледа на ова како на повторно отворање некои идеи, кои постоеле и во последните години, а се однесуваат на така наречена „фазна“, или постепена интеграција, но оценува дека тоа е мудар пристап, кој државите ги подготвува за полесна интеграција и истовремено им дава пристап до процесот на одлучување во ЕУ, но без можност за гласање, како што е усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносната политика.

„Тие најави доаѓаат од новата владина коалиција во Берлин, што има детално разбирање за состојбите во Западниот Балкан и која разбира дека проширувањето за целиот регионот не е само економско, трговско прашање, туку е и прашање со сериозни безбедносни последици. Ги гледаме сите опасности, кои постојат во БиХ, ги гледаме специфичните околности во Косово и во Србија. Ние, како земја членка на НАТО, сме подготвени да бидеме придонесувач кон регионаната безбедност, но покрај тоа најголем придонесувач кон регионалната безбедност може да биде и предвидливиот пат напред кон ЕУ. И затоа овие најави треба да ги гледаме афирмативно и позитивно, Германија е и една од тие земји членки, која го поддржува моделот на квалификувано гласање кога е во прашање проширувањето. Треба да бидеме активен чинител, да бидеме постојано присутни на сите овие форуми и настани, каде што се дискутира.“ – вели Муцунски.