Македонскиот министер за европски прашања Орхан Муртезани нагласува дека, според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Бугарија има и обврски, а не само барања од Македонија.
„Со Договорот за добрососедство и пријателство, Бугарија е должна да нè поддржува, а не да нè блокира. Мора да го заштитиме процесот на пристапување во ЕУ од билатерализација, бидејќи тоа стана проблем за самата Унија“, изјави Муртезани во интервју за МИА.
„Билатерализацијата на преговарачкиот процес за влез во Европската унија не само што станува проблем за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија, особено сега, кога кога се затвораат поглавјата на Црна Гора и е најавена блокада од Хрватска“, додаде тој.
Муртезани посочи дека земјите-членки и институциите кои ја претставуваат Унијата се свесни за овие проблеми и „со големо внимание ги слушаат аргументите“.
„Во неколку наврати заедно со премиерот (Христијан Мицкоски) се обидовме да објасниме дека преземените обврски во врска со спроведувањето на уставните измени остануваат такви какви што се, постои политичка волја и желба за нивно спроведување, но ние мора да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација“, нагласи тој.
Според него, нема смисла овој процес да се заснова „на одредени историски настани во 11, 12 или 13 век“.
„Затоа, ако процесот треба да нè направи кредибилна земја за влез во Европската унија, процесот мора да биде насочен кон реформи и имплементација на стандардите. За ова има разбирање во Брисел, има поддршка не само во нашиот случај, но и пошироко. Можеме само да се надеваме, преку билатерални иницијативи, дека овие обиди во соседна Бугарија ќе завршат со солидна и стабилна влада, со која ќе седнеме да разговараме, бидејќи билатералните договори создаваат обврски за двете страни. Според Договорот за добрососедство и пријателство, Бугарија е должна да нè поддржува, а не да нè блокира“, поентира Муртезани.






