Ѕвездата на фудбалската репрезентација на Украина и на Челзи, Михаил Мудрик, инспиратор на победата над Македонија од 3:2 минатиот јуни во Скопје во квалификациите за годинашното Европско првенство, бил позитивен на допинг-тест, објавија медиумите во неговата земја, повикувајќи се на извори.
Крилниот напаѓач, кој асистираше за два од головите на Украинците со кои се вратија од 0:2 на полувремето и на крајот славеа на Националната арена „Тодор Проески“, наводно, бил позитивен на супстанцијата позната како милдронат по неговото враќање од настапите во Лигата на нациите во ноември.
Супстанцијата е лек против исхемија, кој обично се користи за лекување на пациенти со срцеви заболувања, но може да се користи и за подобрување на издржливоста и капацитетот за закрепнување од вежбање. Тој беше забранет од Светската антидопинг агенција (ВАДА) во јануари 2016 година.
Челзи потврди дека биле контактирани од Англиската фудбалска асоцијација (ФА) поради „несакан наод“ во тестот за урина на Мудрик во соопштение во вторникот. Клубот соопшти дека спортистот „категорично потврдил дека никогаш свесно не користел забранети супстанции“ и вети дека „ќе работи со релевантните органи“ за да се утврди што го предизвикало резултатот.
Мудрик ги пропушти последните пет натпревари на Челзи во Премиерлигата и не играше од 28 ноември, а менаџерот Енцо Мареска неговото отсуство го објасни со болест.
Во изјавата на Инстаграм 23-годишникот негираше дека сторил нешто лошо и рече дека е „шокиран“ од веста.
„Ова беше целосен шок бидејќи никогаш свесно не користев забранети супстанци ниту сум прекршил правила… Знам дека не сум направил ништо лошо и останувам со надеж дека наскоро ќе се вратам на теренот“, изјави тој, додавајќи дека ќе работи со својот тим за да ги истражи наодите.
Челзи, наводно, започнал истрага за наодите додека Мудрик го чека резултатот од вториот примерок од урина. Според правилата, спортистот се соочува со суспензија до четири години доколку вториот примерок биде позитивен, што значи дека Михаил би можел да биде изоставен од тимот на Украина на Светското првенство во 2026 година.
Мудрик се пресели во Челзи во јануари 2023 година од украински Шахтјор Доњецк за неверојатна трансфер-сума од 70 милиони евра, шеста највисока што клубот од „Стемфорд Бриџ“ ја платил за играч дотогаш.
Според политиката на ФА, Мудрик ќе биде привремено суспендиран од натпреварите до завршувањето на истрагата.






