Григориос Папатомас, професор по канонско право и митрополит Перистериски

Вселенската патријаршија нема да ѝ додели автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) додека не стапи во канонско единство со Православната црква на Украина (ПЦУ), призната од „Цариград“ во јануари 2019 година и досега уште од Грчката, Кипарската и Александриската црква.



Ова го истакнал Григориос Папатомас, професор по канонско право и митрополит Перистериски на Грчката православна црква (ГПЦ), на вчерашната средба со свештенството и со теолозите, објави на Фејсбук презвитерот во ПЦУ од Киев, Андреј Дудченко, именувајќи ја МПЦ-ОА како „Црквата на Северна Македонија“.

„Тие, исто така, дознаа дека Вселенската патријаршија нема да ѝ додели автокефалност на Црквата на Северна Македонија додека не стапи во единство со ПЦУ. За да се побара Томос од Вселенската патријаршија, мора да се прифати она што го прави оваа Патријаршија. Односно, да се признае автокефалноста дадена од неа порано“, објаснува Дудченко.

Експертот во украинската Национална агенција за обезбедување квалитет на високото образование притоа прави паралела со Украинската православна црква (УПЦ), која е под јурисдикција на Руската православна црква (РПЦ).

„По аналогија, можам да кажам дека ако УПЦ сака некаква помош од Вселенската патријаршија во регулирањето на нејзиниот канонски статус, треба да стапи во заедница со ПЦУ“, пишува Дудченко. „Во однос на Руската православна црква митрополитот Папатомас имал предлог до Вселенската патријаршија – да се укине автокефалноста на Руската црква на 5 години. Звучи утописки, не разбрав како ќе помогне во решавањето на ситуацијата. Освен ако, тогаш, би било можно да се свика Сеправославен собор, на кој не би се очекувало учество на Руската православна црква и да се донесат потребните одлуки“.