Анастасија Мојсовска го освои 31. место во конкуренција на 43 натпреварувачки што настапија во квалификациите во стрелаштво на 10 метри со воздушна пушка во Шаторо на 33. Олимписки игри во Париз.
Вториот македонски претставник на Игрите по шесте серии оствари резултат 625,3 кругови, кој е за 3,5 круга послаб од нејзиниот личен рекорд, со кој ќе беше 15.
Мојсовска беше најдобра во првата серија, во која испука 104,5 круга, а најлоша во втората, кога запиша 103,7.
„Во оваа дисциплина зад нас оставивме олимписки, светски и европски медалисти од земји како САД, Франција, Чешка, Египет, Велика Британија, Бразил и други. Во текот на натпреварот таа погоди 57 центри од вкупно 60 испукани дијаболи за времетраење од 1 час и 15 минути, но во стрелаштвото секој еден зголемен пулс од срцебиење или адреналин делува на квалитетот на центрите што и одлучува кој на крај ќе биде најдобар. За влез во финалната борба или пласман во првите осум во воздушна пушка потребни ни беа 631,3 круга, односно ни недостигаа 6.
Овие ОИ се покажаа доста посилни во однос на минатите во Токио, каде што за влез во финалето потребни беа 628,3 круга. Се надеваме дека овие Игри ќе бидат отскочна штица за 22-годишната Анастасија до европско финале и медал на Европското првенство кое нè очекува во почетокот на 2025 година“, изјави тренерот Јордан Тасевски.
За македонските олимпијци следниот настап е во вторник 30 јули, кога џудистот Еди Шерифовски ќе настапи во категоријата до 81 килограми.






