На денешен ден, на 22 јануари во 2001 година во напад со рачен ракетен фрлач и автоматско оружје врз полициската станица Теарце во близина на Тетово, загинува полицаецот Момир Стојановски, а тројца беа ранети. Овој напад, со сите елементи на тероризам, кој е бездруго вистинскиот почеток за војната во 2001 година, го изведе и одговорноста за него ја презеде „Ослободителната народна армија“ – УЧК со своите припадници. „Униформата на македонскиот окупатор ќе биде напаѓана се додека не се ослободи албанскиот народ.“ – се закани УЧК во своето „предупредувачко соопштение“ наредниот ден по нападот. „Плановите на Момир со сопругата Јулија за заеднички брачен живот во новокупениот стан во Јегуновце останаа пресечени.“ – има напишано во своја статија тогаш дневниот весник „Вест“. Генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон ја означи тогашната УЧК како „терористичка организација“ и ја има дадено оваа изјава: „Меѓународната заедница нема да дозволи демократските институции да бидат ослабени од една група на убијци и криминалци во северните планини.“ Оваа изјава во видео-форма на генсекот на НАТО Робертсон останува забележана и може да се најде на видео-платформата јутуб.
Момир Стојановски (Добровница, Крива Паланка, 1970 – Теарце, Тетовско, 22 јануари 2001) бил македонски бранител, припадник на СВР Крива Паланка. Тој е првата жртва на воениот судир во Македонија во 2001 година. Израснал во дивините на кривопаланечкото село Добровница. Откако завршил средно училиште, Момир успешно го посетувал курсот за полицајци.
Од 1993 година работел во полициската станица Теарце. Учел и ѝ се посветил на униформата и одговорната полициска служба. Го помнат како вредно и скромно момче од сиромашно семејство. Погребан е на гробиштата во кривопаланечкото село Добровница. Стојановски е одликуван посмртно со медал за храброст од претседателот на Република Македонија.
Организаторот на нападот со решение на судот бил амнестиран во март 2002 година.
Пренесено од: статии на „Википедија“, весник „Вест“, Македонска информативна агенција – МИА и ТВ Алфа





