Може ли државата со 10 милиони евра за станови да им се спротистави на ненаситните инвеститори?

Државата за оваа година со само предвидени 10 милиони евра за изградба на станови за комерцијална продажба ќе им конкурира на бројните и далеку помоќни градежни инвеститори, кои ги билдаат цените се повеќе од година в година.



Во финансискиот план на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за 2025, како и во донесената владина Програма за изградба, продажба и оддржување на станбениот простор во сопственост за оваа година е наведено дека планираните средства изнесуваат 610 милиони денари.

Државата, преку јавното претпријатие за станбен и деловен простор, најавува засилени инвестиции во изградба на комерцијални станбени згради, со цел да се намали цената на станбениот квадрат, но останува да се види колку тоа е остварливо кога во таа „битка“ влегуваш со само 10 милиони евра на лагер.Во моментов во фаза на градба е комерцијална зграда во градската четврт Даре Џамбаз, кај „старата воена пекарница“ на Јужен булевар во Скопје. Објектот има 112 станбени единици и тие се веќе продадени, велат од јавното претпријатие. Овие станови на првото јавно наддавање одржано на почетокот од 2024 година достигнаа цена од околу 1.600 евра за квадрат, а почетната цена беше 1.450 евра. На второто наддавање, одржано во јули, цената стигна и до 1.916 евра. И оваа цена е сѐ уште значително пониска од онаа на становите чии инвеститори се приватни фирми, а се наоѓаат во близината на оваа локација, кои достигнуваат и по 2.300-2.500 евра за квадрат. Пред една недела АДСДП огласи 65 стана од комерцијалната зграда во Битола кај старата касарна по пoчетна цена на наддавање од 1.000 евра. Оваа зграда допрва треба да се гради.

Акционерското друштво ги планира овие средства за 2025 за онаму каде што најмногу има побарувачка – 4,2 милиони евра за две згради во Скопје, 3 милиони за три згради во Битола, 2,5 милиони за две градби во Охрид и околу 300.000 евра за градба во Штип. Долгорочно за овие проекти ќе бидат потребни повеќе пари. Во планот пишува дека тоа се вкупно 665 стана на кои се работи, со вкупна површина од 41.000 метри квадратни.

Владата декларативно одлучи преку изградба и продажба на државни станови да ја намали цената на станбениот квадрат за 30 до 40 проценти. Уривањето на цените, според министерот за транспорт Александар Николоски, започнува од Битола.

„Моментално цените на комерцијалните станови во неколку градови галопираат. Се обидуваме да интервенираме со оваа цена, која е далеку пониска од она што моментално се нуди на пазарот“, изјави Николоски во своето последно телевизиско гостување.

Целата анализа на Фактор.мк на следниот линк.