Можат Бугарите да имаат со Македонците заеднички јадења, но не и „заедничка историја“! За нивните фалсификати проговори Благоев уште во 1917!

Пишува: Свето Тоевски



Можат Бугарите и Македонците да споделуваат заеднички јадења, но не и некаква „заедничка историја“, затоа што такво нешто воопшто не постои. Воопшто не постои колку и да се напина од „петни жили“ бугарскиот состав во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија да наметне „заеднички историски собитија“, „заеднички историски личности“, „заеднички историски чествувања“. Сите овие и вакви активности, сите усвоени препораки за заеднички чествувања се сведуваат на едно исто: на фалсификување и разнебитување на автентичната и засебна македонска национална историја, на распродавање на оваа македонска историја за бадијала – она што го правеа на „ангро“ претходната Влада на Македонија на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, а во тие рамки и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Сите овие и вакви активности, сите усвоени препораки за заеднички чествувања водат кон смислено уривање на македонската историја како еден од темелните столбови на македонскиот национален идентитет.

„Атмосферата на историската комисија со Бугарија била најдобра на заедничкиот ручек кога неформално се зборувало за гастрономија и за заеднички јадења, кои ги делат Македонците, Бугарите и другите балкански народи.“ – ова, според бугарски извори, бил заклучокот на Ангел Димитров, од бугарска страна сопретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија, која одржа средба завчера во бугарското министерство за надворешни работи. За разлика од ручекот, кога атмосферата била добра, во официјалните разговори ситуацијата била, благо кажано, нелагодна, поради огромните разлики меѓу македонските и бугарските членови. Со Димитров се согласиле и членови на македонската комисија.

„Денешната средба не се разликуваше од претходните. Атмосферата беше најдобра за време на ручекот. Но, не се согласуваме за суштинските прашања, за кои треба да се разговара. Не можам да кажам дека сме направиле нешто корисно.“ – изјавил професорот Ангел Димитров по средбата. Од мај 2018 година Димитров е сопретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија. Оваа комисија е формирана како резултат на „Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, потпишан на 1 август 2017 година. Според бугарската страна, тој е „клучен дел од договорот“.

Но, еве сега продолжение на темата „заедничка историја со Бугарија и Бугарите“, но во вид на едно потсетување на исклучително важен настан од историјата, кој фрла силно блескава светлина на вистината околу „заедничката историја“, која официјална Софија сака да ја изнуди од Македонија. На 14 јуни 1856 година е роден Македонецот Димитар Благоев, од македонското село Загоричани, Егејска Македонија, денес во Грција. Тој бил македонски политичар во Бугарија и основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП). Во срцето на бугарската држава, во нејзиното Народно собрание на 16 декември 1917 година Благоев бележит говор, кој ги разоткрил уште пред 108 години исцело сите, па и овие денешни обиди за фалсификување и присвојување на македонската историја, за нејзино прикажување како бугарска историја.

На седница на бугарското Собрание тогаш Благоев има точно кажано: „Која историја? Таа ли, којашто вие ја фалсификувате? Таквата историја ние не ви ја признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво ‘обединување на бугарското племе‘, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата што ѝ се неопходни на бугарската буржоазија, за да може да излезе на големите водни патишта и на Егејското Море. … Јас сум родум од Загоричани, но не сум Бугарин, јас сум Славјанин! …И како таков јас сум за Македонија како словенска земја, којашто ќе има своја сопствена управа. … Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско,  дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот мир, ’мир без анексии, без обештетување и со право на народите на самоопределување‘?! Ако сте убедени дека некаде има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат. … Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто што ве тревожи, има некои области завладеани од вас, кои ако се подложат на референдум ќе ви се измолкнат од рацете?!“

Од овој извод од стенографските белешки, водени за време на собраниската расправа во Народното собрание на Бугарија во таа година, може да се види дека директно во бугарскиот Парламент отворено Македонците по род искажале барање Македонија да се оформи како држава. Денешното навршување на 169-тата годишнина од раѓањето на овој истакнат деец за македонската национална кауза и признавањето на засебниот македонски национален идентитет среде Бугарија, е можност не само за навраќање кон неговата личност и дело, туку и особено за согледување и потврдување на фактот дека немаат никаква допирна врска со историската реалност напорите на денешниве бугарски политичари и членови на бугарскиот дел на Заедничката историска комисија да ѝ придадат бугарски карактер на македонската историја. При печатењето на целокупните дела на Димитар Благоев во 1962 година издавачите од Софија од стенографските белешки ги исфрлиле деловите од неговите говори за неговото македонско потекло и за идентитетот на Македонците. Тој починал на 7 мај 1924 година.

Кон ова потсетување на историскиот говор на овој македонски патриот и деец за македонската кауза во Бугарија ја надоврзуваме изјавата на историчарката Виолета Ачковска за весникот „Нова Македонија“ на 10 февруари 2022 година во врска со насилните обиди за „ковање“ „заедничка историја“ меѓу Македонија и Бугарија: „Потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија е спротивен на интересите на македонскиот идентитет. Не постои термин ‘заедничка’ историја на два посебни народа. Вака формулираната историја значи да се прифати бугарската историја.“

Ачковска беше дел од групата од угледни македонски историчари, кои тогаш имаа  испратено писмо до јавноста во тоа време околу најавеното „заедничко македонско-бугарско чествување“ на 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во отвореното писмо потписниците прашаа: што ќе имаат заедничко македонските и бугарските политичари на чествувањето на Гоце Делчев? „Се турка агенда за рекомпонирање на македонскиот идентитет, а со тоа и на јазикот, културата и колективната меморија. Барањето за ‘заедничка историја’ е во спротивност со правото на самоопределување на секој народ, кој има сопствена колективна меморија, што никој не може да ја избрише. Историјата и нацијата не се создаваат со декрет. Македонскиот народ има своја долга колективна меморија, свој јазик, традиција и култура, кои произлегуваат од неговото повеќевековно опстојување.“ – имаа нагласено таа група на македонски историчари во нивното писмо, објавено во 2022 година.

Неколку седмици пред ова писмо од февруари 2022 година и втора група македонски интелектуалци се огласија во јавноста со свое писмо, во кое реагираа остро: „Не може и не смее да се прифати цената за добивање датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија да биде разнебитување на историски заокружениот легитимен процес на конституирање на македонската нација и нејзино размакедончување. Македонија не може и не смее да прифати концепт на бугарски корени на македонскиот народ и нација. Наводниот бугарски историски идентитет на Македонците не е и не може да биде основа на новиот европски идентитет на државата.“

Сите овие реакции и предупредувања на македонските историчари и интелектуалци воопшто не губат од својата актуелност ниту денес по три години и тие мораат да бидат репер при какви било натамошни активности на споменатата Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија, за која, според авторот на овие редови, повеќе не постои никаква смисла ниту оправданост да постои натаму, туку е неопходно само да се укине и тоа веднаш, заедно со сите нејзини небулозни „препораки за заеднички историски чествувања“.

(Авторот изнесува во оваа колумна ставови од своја објективна анализа, кои немаат никаква поврзаност со програмски заложби на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на никој медиум во Република Македонија)