Министерството за надворешни работи на Канада денеска излезе со објава на Твитер за вчерашната средба на министерката Мелани Џоли со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, именувајќи ги тамошните Македонци како „македонска“ заедница, а не „северномакедонска“, како што твитна вчера шефицата на канадската дипломатија.
„Министерката Џоли се сретна со Тимчо Муцунски во (седиштето на) НАТО. Тие разговараа за регионалните приоритети и ги истражија начините за зајакнување на врските меѓу Канада и Северна Македонија, вклучително и можностите за Канаѓаните. Нашите врски се збогатени со енергичната македонско-канадска заедница од над 40.000“, твитна денеска канадското МНР, откако Џоли вчера објави речиси идентичен твит, но во него зборува за непостоечка „северномакедонска“ заедница.
Исправката доаѓа по укажувањето под твитот на Џоли од Обединетата македонска дијаспора (ОМД), најголема организација на иселеници од Македонија во светот со седиште во Вашингтон.






