Министерството за надворешни работи на Бугарија со официјална реакција за обраќањето на македонскиот премиер Христијан Мицоски од говорницата на Собранието, во кое направи паралела меѓу Македонците во Албанија и Бугарите во Македонија.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го изразува своето длабоко разочарување и категорично ги осудува неодамнешните изјави на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Христијан Мицкоски. Овие изјави не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција.
Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку прашање што ги засега основните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на европскиот консензус договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се и измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и гарантирањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да ги усогласи своето законодавство и практика со овие принципи.
Исто така, сакаме да обрнеме внимание на фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи ги своето бугарско потекло и идентитет.
Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која влева поделеност и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, се вели во соопштението на бугарското МНР.







