Мицотакис, чија земја ја игнорира пресудата од Хаг, ја повика Македонија да го почитува меѓународното право?!

Забележувајќи за (не)почитувањето на Преспанскиот договор од новата власт во Македонија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на самитот на НАТО во Вашингтон нагласил дека „напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори“.



Претседателот на Владата на државата што ја игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година, според која Грција ја прекршила Привремената спогодба со Македонија со ветото за нејзино членство во Алијансата во Букурешт три години претходно, меѓу колегите од земјите-сојузнички се пожалил од соседот.

„Целосното спроведување на Договорот од Преспа“, истакнал Мицотакис според грчката новинска агенција АНА-МПА, „е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница“.

„Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа“, продолжил тој, „ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања на Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот“.

Забелешките на Мицотакис се однесуваат на пораките од македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и од премиерот Христијан Мицкоски дека секогаш и секаде каде што е можно ќе ја именуваат својата држава како Македонија.