Во случај да настојуваат да го оспоруваат јадрото на договорот во врска со името на државата и да ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен, предупреди грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот говор вчера во Лерин, јави дописничката на МИА од Грција.



Рече дека „ова не го кажува со радост“, бидејќи, како што рече, соседи сме и Грција сака да имаме добри односи.

„ Граѓаните на с. Македонија не сакаат ниту тензии, ниту национализам. И посакувам и се надевам дека ќе се вразумат и ќе се вратат на правилниот пат“, рече Мицотакис.

Во обраќањето до граѓаните се осврна и на односите со нашата земја и на Договорот од Преспа.

„Денеска сум овде во Лерин, на границата на нашата земја и треба да ви кажам дека сум прилично незадоволен поради фактот што нашите северни соседи одбраа во овие околности да го вратат времето назад и да го оспорат името на нивната земја, кое е договорено преку меѓудржавен меѓународен договор“, рече Мицотакис.

Грчкиот премер потсети дека додека Нова демократија беше  во опозиција против Договорот од Преспа, но како што посочи, тогаш со апсолутна искреност рекол дека не може да се промени, да се искине или да се смени со еден закон и член, бидејќи е меѓународен договор.