Мицотакис повторно лут: Новото име ќе го користите секаде

Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и денеска лут – официјалните претставнци во Македонија да го користеле новото име секаде, во секоја употреба. Заборавајќи на човековото право дека секој може како сака усно да ја нарекува својата земја.



Мицотакис ја повтори обврската на официјалните претставници на Северна Македонија да го користат уставното име на земјата во секоја употреба, како што е диктирано во договорот меѓу Атина и Скопје, постигнат со посредство на ОН од 2018 година, пишува грчки „Катимерини“.

„Ќе ги чекаме официјалните ставови на Владата на Северна Македонија, но првите докази се крајно негативни. Во основата на Договорот од Преспа беше концептот на едно име, она што ние го нарекуваме ерга омнес, дека името Северна Македонија треба да важи за сите, односно да се користи и во странство и во земјата“, рече Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Коментарот доаѓа откако новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова за време на говорот ја нарече нејзината земја само „Македонија“, со што го оживува долгогодишниот спор за името. Силјановска-Давкова го употреби претходно користеното име за време на нејзината инаугурација минатата недела, стои во анализата на „Катимерини“.

„По прашањето за името има многу јасно назадување и сакам уште еднаш да упатам предупредување до новата влада отсега да ја смени линијата, да ја почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да го користи само името Север. Македонија во и надвор од државата, кога се упатуваат на нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе предизвикаат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“, додаде Мицотакис.

Претходно, идниот мандатар Христијан Мицкоски рече дека негово човеково право е како ќе ја нарекува својата земја и ги повика Грците кои не се согласуваат, да одат до Меѓународниот суд, бидејќи, смета Мицкоски, тоа не е прекршување на Преспанскиот договор. Ова предизвика силни реакции кај Грција, која до сега беше навикната официјалните лица да ја наведнуваат главата на сите провокации и да бидат слепи послушници без да го заштитат националниот и државниот идентитет.