Мицотакис очекува од Мицкоски да вели „Северна“ ерга омнес

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе десетина дена не престанува да ѝ дели совети на Македонија во однос на почитувањето на Преспанскиот договор, па по претседателката Гордана Силјановска-Давкова на ред дојде неговиот иден македонски колега Христијан Мицкоски.



„Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија и ќе го користи во и надвор од неговата земја“, изјави Мицотакис во интервју за грчката телевизија Стар.

„Видов некои изјави на претседателката на Северна Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со Северна Македонија, но многу пати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји“, нагласи тој.

Мицкоски неодамна изјави дека ќе го користи терминот „Македонија“ за својата земја и ја упати Грција да се жали до Меѓународниот суд на правдата ако смета дека со тоа се прекршува Договорот од Преспа.