Мицкоски: Свети Кирил и Методиј пред 1100 години испратија универзалната порака на единство и посветеност

Светите браќа Кирил и Методиј не се само словенски просветители, тие се рамноапостоли и прогласени за заштитници на Европа. Тоа само го покажува големото дело кое го оставиле зад себе, дело кое после повеќе од еден милениум сеуште е живо како никогаш до сега. И дело врз чии темели се родија и Светите Климент и Наум, зборот на Мисирков, Пулевски, Прличев, Коневски. Таа македонска низа на безвременото дело низ чии корени се изнедри македонскиот збор и писмо. Заслуга на работата на Св. Кирил и Методиј е секој денешен изговорен или напишан збори, стих или текст на македонски или полски, српски или руски, украински или словенечки, чешки, хрватски, бугарски или било кој друг словенски јазик, ова денес по повод Св.Кирил и Методиј го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.



„Тоа е нашиот придонес за културната и јазична ризница на Европа. Браќата Кирил и Методиј со нивната просветителска дејност, преводот на литургиските книги на старословенски, словенската азбука глаголица и ревносната борба против тријазичната ерес ги издигна на пијадесталот меѓу словенскиот род и ги запиша со златни букви не само во македонската историја, туку и во европската и светската. Браќата Кирил и Методиј покажаа пред еден милениум дека нема инфериорни култури и народи, дека нема нееднакви пред божјото слово и божјата правда, дека секоја неправда може да се порази со силната волја и посветеност, работа и труд. Нивниот аманет кој го оставиле е голем, исто како што е големо и нивното име. Тие се денес европски светители и заштитници и секој може да го слави нивното дело, но факт е дека пред повеќе од 1100 години нивните мисионерски чекори почнале од македонската земја и токму од македонската земја го земаат сето свое јазично, културно и идентитетско семе и го шират низ целиот словенски свет. И ако не беше нивната духовна сила, и школа немаше да биде ниту Св. Климент и Св. Наум, кои се најсилната греда врз која се потпира и нашата света православна црква, но и нашата писменост. Затоа Св. Кирил и Методиј се стожерот на нашето постоење, над 1100 години потоа содржејќи ја универзалната порака на единство, посветеност и образование кое има моќ да ја менува реалноста“, вели Мицкоски.

Тој додава дека денес во Македонија десетици илјади деца се надвор од образовниот процес, над 80 илјади живеат во тешка сиромаштија обременети со голата борба за живот. Одбивам да говорам за образованието на ниво на зборови и флоскули, туку тоа мора да се заоснова на дела. Поразително е што многу деца, многу луѓе не само што не се вклучени во обраовниот процес, туку им се одзема шансата да бидат како другите свои врсници и да ги имаат истите услови за образование. Многу од младите луѓе се приморани да работат, од мали нозе, откажувајќи се од својот сон за шанса преку образованието. Уште позагрижувачки е моралната дисторзија во општеството каде неморалното се преставува за морално, а неморалното за принцип кој треба да се следи.