Премиерот Христијан Мицкоски го отфрла ставот на некои партии од албанскиот политички блок во Македонија за промена на државната химна во пакет со грбот.
„Дали размислувам? Да. Ценам дека хералдичкиот симбол земскиот лав е симбол на сите оние генерации кои што живееле на овие простори и тоа не е некоја тајна“, одговори претседателот на Владата во централниот Дневник на Алсат М, додавајќи дека лавот не е искористен како партиски симбол само од неговата ВМРО-ДПМНЕ, туку и од други партии.
Во врска со химната тој не гледа никаква причина да се менува.
„Химната е темелна вредност на една држава, односно еден од трите суштински атрибути кои што ја дефинираат државноста. Химната претставува историска генеза, химната практично ја прераскажува историјата на создавањето на една држава и нација. И јас тука не гледам никаква причина зошто таа би се менувала или во кој дел таа би се менувала“, изјави Мицкоски, кому, како што вели, „не му паѓа на памет“ нејзина промена.
„Апсолутно, тамам работа, ниту станува збор за таа тема на дискусија, ниту на памет ми паѓа да влегувам во каква било расправа во која ќе се менува текст на химна, која што отсликува историска генеза на создавањето на оваа држава. Кој сум јас или кои сме ние тоа да го правиме?“, прашува тој.
 
             
		






