Мицкоски: Правата на Македонците во Бугарија не е мешање во внатрешните работи на источниот сосед

Во одговор на новинарско прашање за коментар по реакцијата на бугарското МНР на неговата вчерашна изјава за блокадата од Бугарија во пристапувањето во ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека навистина жали што новиот министер за надворешни работи на Бугарија заборава дека добрососедските политики се темел на една европска перпектива и дека сме партнери во најголемата заедница, алијанса во човештвото, тоа е НАТО заедницата.

„Јас би се повикал на меѓународното право, Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и тука не можам да одбегнам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, кое се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права да го реализира и тука треба ние сите како граѓани да дадеме поддршка на таа македонска заедница во Бугарија, која за жал во 21 век, во земја членка на ЕУ, не може тоа право да го оствари.



И тоа нема никаква врска со внатрешните работи, тоа се темели исклучиво на Резолуцијата за заштита на човековите права чиј ратификатор е и нашиот источен сосед и наш партнер во НАТО, истакна премиерот Мицкоски

„Ние таму ќе продолжиме да функционираме и ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму каде што се во Бугарија. Наша цел е да градиме добрососедски односи, но кога станува збор за вистината тогаш сме тука истата да ја коментираме и доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е тоа“, рече Мицкоски.