Премиерот Христијан Мицкоски смета дека бугарскиот пасош не се зема за некој да стане Бугарин, туку тоа се прави од чисто економска причина, со цел полесно да се најде работа во земјите членки на ЕУ.
Вистинското прашање, вели премиерот, е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасош пред Бугарија да биде дел од ЕУ, пренесе Дојче веле
„Бугарскиот пасош не е поради етничка припадност или национална. Јас како што знам бугарски пасоши во Македонија имаат различни етнички заедници во Македонија, и Македонци – Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, сите имаат поради економски причини, мислат дека на тој начин полесно ќе добијат работната дозвола за да работат во земјите од ЕУ. Треба да ја кажеме вистината. Не затоа што се чувствуваат како Бугари, сигурен сум дека не е тоа причината. И сигурен сум дека најголемиот дел од нив утре би се откажале ако не се случеше оваа неправда две и пол децении да чекаме да почнеме преговори“, вели Мицкоски.
Тој смета дека „ако земјата имаше нормален пат како сите нови членки во ЕУ, ниту еден македонски граѓанин немаше да посака бугарски пасош“.
„Ви гарантирам, ви потпишувам. Многу повеќе заслужуваме од многу повеќе земји членки коишто станале дел од европското семејство. Првиот ден кога ќе станеме (членка на ЕУ), јас ви гарантирам дека тие ќе ги искинат“, рече Мицкоски вчера.






