Мицкоски: Одредени трговци се однесуваат неодговорно, преземаме конкретни мерки

Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција, вели премиерот Мицкоски.



Тој додава дека како Влада, остануваат целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард и дека го разбира бојкотот на маркетите како чин на граѓански отпор, вели дека има јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните.
Премиерот вели дека се преземаат конкретни мерки и поради тоа денес е остварена средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, Министерот за економија, Заменик министерот за економија и Директорот на пазарната инспекција каде се наложени засилени контроли и итна реакција на терен.
Наложив засилени контроли и итна реакција на терен.

Тие имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка.

Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените. Ги повикувам сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните, соопшти Мицкоски.