Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски експресно одговори на пораките од лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и на претседателот Румен Радев кои го повикаа да го почитува Договор за за добрососедство со Бугарија по изјавата на македонскиот премиер дека промена на уставот за признавање на бугарското малцинство „нема да помине“.
„Жалам што таквите пораки доаѓаат од источниот сосед, мислам дека таквите пораки се дел од средниот век, но во модерна Европа во 21 век има политичари како Радев, рече Христијан Мицкоски“, пренесоа бугарски медиуми.
Македонскиот премиер изјави подготвеност да седне и да разговара со лидерот на првата политичка сила во Бугарија – ГЕРБ на Борисов доколку тој одново стане премиер, како и со шефот на државата, Румен Радев.
„ Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Јас му посакувам на господинот Борисов да ја формира Владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема.
Но, исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, кои што виткаа кичма, кои што коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно за доброто и за иднината на граѓаните и на државата и на „политичари кои немаат намера да виткаат кичма, немаат намера да потпишуваат и прифаќаат се и сешто што им е ставено на маса, туку политичари кои едноставно се подготвени да разговараат врз основа на аргументи“.
„ Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица. Јас сум за тоа да се градат пријателства со соседите, соседите се факт и ние не можеме да избегаме од тој факт. Јас сум за тоа да се градат мостови, но истовремено и да се почитуваме. Ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување.
Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата страна ликува. Тоа не е добрососедство, тоа е срам за едната, а другата страна не ја исполнила својата цел“, рече Мицкоски.
„Дали Мицкоски признал дека има бугарско малцинство во Македонија или граѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница во Македонија можам да кажам дека јас тоа сум го напати кажал и повторил дека – да, ние како држава уште од раните 40 – ти години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и бугарското“, рече македонскот премиер.
„ Не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чуствуваат како такви и тоа е факт. Но ајде да видиме сега што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед.
И ако се вратите наназад од тие рани 40-ти години и ако ги видите пописите што сењ правени во тие години и од раните 50-ти години ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци.
Дури и во доцните 40-ти години десетици учители од Македонија, во Западна Македонија, во Пиринскиот дел на Македонија, Македонците ги учеле на македонски јазик, за македонската култура, за македонските обичаи, се организирале театарски претстави.
Тоа што бугарските власти потоа благодарение на тоа што се водени такви политики, тоа право го бришат и го укинуваат, доведува до тоа да се создаде фрустрација и тивка асимилација на Македоцните во Западниот дел на Бугарија во Пиринска Македонија и тоа е жално што продолжува и во 21 век, рече премиерот.
Мицкоски потсети дека „14 пресуди од Европскиот суд за човекови права се донесени, дека постои македонско малцинство во Бугарија чие што право да се организира во невладина организација, не да биде во Уставот, во невладина организација, за жал, од ваков тип на политичари каков што е г. Радев е оневозможено.
Јас повикувам на добрососедски односи, на двонасочна улица заеднички да најдеме решение бидејќи ние треба како добри соседи да разговараме на основа на аргументи и факти, да не го политизираме ова, да не го сведуваме на ниски страсти. Овој народ направи многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали тој има некакви гаранции од Брисел дека ќе се надмине ова прашање, премиерот вели дека политиката на оваа Влада е за градење мостови со нашите соседи.
„Да имаме добрососедски односи. Тоа е еден предуслов за нормално и пристојно функционирање и пред, се, за нас самите и тука не треба да има дилема. И тоа е како што кажав двонасочна улица.
Повтори дека тие како Влада се подготвени да седнат каде било, дека не бегаат од решение, но дека тоа решение треба да биде достоинствено и да биде двонасочна улица.






