„Тринаесетти ноември е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста, која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива. … Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот. … Сигурно на Методија Андонов Ченто, ниту на Димитар Влахов, или на Михајло Апостолски, не им било нималку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ Слободното Скопје. Скопје не е само град, тоа е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост.“ – истакна претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на големиот празник Денот на ослободувањето на Скопје 13 ноември, кога во 1944 година беше ослободено од германските и бугарските фашистички окупатори, но и по жестоките борби со нивните соработници – албанските балистички оружени формации во поблиската и пошироката околина на Скопје.
Осврнувајќи се на спорот со Бугарија, во својата претпразнична реч премиерот Мицкоски нагласи дека „нема да прави крчма од државните и националните интереси“. „Сигурно дека е тешко и дека е напорно, но ние тоа умееме да го правиме, без распродажба на државни интереси, без тајни коалиции, без бизниси под маса со Бугарија како што правеле претходниците. Не сум сигурен дали ќе успееме, иако даваме се од себе и имаме засилена комуникација со нашите стратегиски партнери. Но сигурен сум, во тоа да бидете и вие сигурни, дека нема ништо да прифатиме, поради кое ќе ве засрамам вас народот и пред се и над се Македонија.“ – истакна Мицкоски.





