„Народот треба да се слуша и затоа ДУИ оди во опозиција! Со тоа завршува една неславна ера на таа политичка партија на политичката сцена во Македонија! На 8 мај сите заедно ќе направиме уште еден чекор кон историјата и ќе донесеме толку убедлива победа, што во македонскиот Парламент коалицијата ’Твоја Македонија’ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, а иден претседател на Македонија ќе биде Гордана Силјановска-Давкова.“ – порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ и на коалицијата „Твоја Македонија“ Христијан Мицкоски од вчерашниот предизборен митинг во Брвеница, Тетовско.
На митингот во Ѓорче Петров Мицкоски истакна дека „победата е на дофат“. „Таа победа е создадена од сите надежи на луѓето, кои не гласаа во првиот круг на изборите. Таа победа е последица на сите страдања и понижувања, кои ги донесе оваа власт. Народот е определен, сака промени, а убедливата разлика од повеќе од 180 илјади гласови е гаранција дека народот сака подобро, оти сака подобар живот, подобра економија, дека сака да си ја врати контролата над сопствената држава.“ – укажа Мицкоски.
Од митингот во Куманово тој предупреди дека „никој не треба да се сомнева во решеноста да направиме промени, кои ќе ја сменат сликата на политиката во Македонија“. Во овој контекст лидерот на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ Мицкоски посочи: „Предолго живееме во мочуриштето на лаги, на измами и на време кога просечните владеат, кога неспособните се на позиции, а паметните се тргнати на страна. Ние го покренуваме бранот на сите оние, кои предолго беа игнорирани, кои премалку беа вклучени во процесите. Заеднички ја создаваме надежта, која мора да ја победи апатијата. Иднината, која мораме сами да ја создадеме но и одговорноста, која мора да ја примениме!“





