Мицкоски и делегацијата пречекани со највисоки државни и воени почести во Приштина

Со највисоки државни и воени почести овде во Приштина премиерот Христијан Мицкоски беше пречекан од неговиот косовски колега Албин Курти.



На официјалниот пречек присуствуваа членовите на двете влади, а по церемонијата следеше тет а тет средба помеѓу двајцата премиери.

За денеска исто така е закажана и меѓувладина седница, на која се очекува да се разговара за потенцијалното зголемување на соработката во повеќе области. Денеска исто така ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка и разбирање. Пред заедничката седница, Владата на Косово одржа виртуелна седница на која усвои две иницијативи за соработка со Македонија.

Првата иницијатива се однесува на склучување на „Протоколот за спроведување на Договорот за заедничките гранични премини“, а втората за потпишување на Меморандум за разбирање во секторот енергетика помеѓу Министерството за економија на Косово и Министерството за енергетика и рударство на Македонија.
Првата заедничка седница на двете влади беше одржана во Скопје во 2021 година, кога беа потпишани 11 договори и меморандуми за соработка.

На состанокот ќе бидат потпишани три меморандуми и договори.

1.Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини.

2.Ќе се усвои и Протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

3. Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието.

Во 13:45 часот ќе биде одржана заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.