Мицкоски: Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител не Владата

Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме и затвор е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, обвинителството и сите кои се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци , Беса Транс каде починаа 75 наши сограѓани имаше нула. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку обвинителството заедно со судот одредуваат, потенцираше премиерот Мицкоски на одговор на пратеничко прашање.



Пратеникот Митко Трајчулески од говорницата рече дека не постои чувство на морална одговорност кај Владата и дека се води селективна истрага за да се заштитат сегашни носители на високи позиции во МВР, Пазарниот инспекторат.

Пратеникот го праша Мицкоски дали разводнувањето на истрагата е за да се заштитат функционери.

Премиерот Мицкоски одговори дека нема дилема ако обвинителот рече дека треба да се приведат високи функционери од оваа влада, ќе се случи тоа.

-Еден член на владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Повикани на информативен разговор високи функционери од страна на обвинителството, не од моја страна, не од страна на министерот за внатрешни работи. Истите обвинители и судии кои вие ги биравте, вашиот Совет за јавни обвинители и Судски совет кои вие ги биравте, не ВМРО-ДПМНЕ и треба работите правилно да се кажуваат, македонската јавност треба да ја знае вистината.  Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека нема да се заборават случаите како модуларната болница, Беса Транс и Ласкарци и дека нема да помогне ниту шверцерски поминатиот Кривичен законик со европско знаме.