ТВ21 го праша премиерот Мицкоски за „поделбата на Македонија на региони според моделот на Белгија, или на Северна Ирска, што го анализираат меѓународни експерти и автори на Охридскиот договор, ангажирани од ДУИ“. Премиерот Мицкоски одговори дека не сака да коментира политики на раководството на ДУИ, бидејќи тоа е нивна внатрешна работа. Но, Мицкоски укажа дека ДУИ како опозициска партија има настапи во јавноста, со кои, како што нагласи тој, се обидува да скрие и да заштити криминали и оти со такви обиди никој не ги сфаќа сериозно.
„Она, со кое тие сега се обидуваат да настапат во јавноста, е повторно политика на дезинтегрирање, на нарушување на унитарниот карактер. Јас мислев дека ќе извлечат поука и ќе се извинат за трговскиот центар во центарот на Скопје, за ‘мајбах’ и ‘ролс ројс’ возилата, за тоа инстант фирми како милиони увезуваат, за тендерите, за наместените судии и обвинители. Само така можеме сериозно да ги разбереме. Сѐ ова останато го сфаќам како обид да се заштити криминалот. Сѐ додека вака настапуваат никаде нема да наидат на сериозност. Сѐ додека во ДУИ не се извинат и признаат дека погрешиле со тоа што играле ‘фудбалчиња’, што не го реализирале ветувањето за автопатот Блаце – Скопје и тоа што дозволиле нивни роднини и пријатели да стекнуваат милионски богатства. Сѐ друго е политички памфлет.“ нагласи премиерот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето на ТВ21 по поставувањето на камен-темелникот за градинка во Трубарево.





