Мицкоски: Бараме преговори со ЕУ со предвидлива и јасна цел

Владата сака да биде проевропска и сака да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. Владата е фокусирана на решавање на домашните проблеми и на решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо, рече вечерва претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.



– Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка? Не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една, тоа е нашиот источен сосед, кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение и меѓу нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи – рече премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека на таа тема многу гласен во Загреб беше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан при неговата билатерална посета во земјава.

– Поентата е дека ние мораме заеднички да работиме, ако сакаме да дојдеме до решение кое што ќе биде предвидливо. Ние сега немаме предвидливо решение. Многумина велат таа е преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нам ќе ни ги реши сите проблеми, како животната средина, повисок стандард, повисоки плати и така натаму – посочи премиерот.

Мицкоски додаде дека ние денеска ги имаме европските фондови на располагање, но проблемот е друг, дали ние сакаме да си ја завршиме домашната задача.

– Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа – изјави Мицкоски.