Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и доколку Уставниот суд пресуди да ги вратиме 50-те милиони евра од данокот на солидарност, ние ќе ги вратиме, нагласи вчер премиерот Христијан Мицкоски.
„Враќаме многу работи што ги должи претходната власт. Многупати сум кажал дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука, ние мора да ги вратиме тие пари, не можеме ништо, ќе скратиме друго и ќе направиме ребаланс.
Ќе ја испитаме и можноста за кривична одговорност за оние кои ја донеле одлуката да ја водат економијата на овој начин, бидејќи де факто е оштетен буџетот, а утре може дури и да бараат камата од нас, доколку Уставниот суд донесе таков одлука“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека се работи за пари кои се на сите граѓани, а Владата само раководи со нив.
„Доколку Уставниот суд донесе таква одлука, наместо да градиме патишта, училишта, булевари, експресни патишта, ќе ги вратиме парите затоа што некој се однесувал како што се однесувал…“, вели Мицкоски.






