Она што најмногу ги мачи пензионерите е со нивните мали пензии немаат доволно средства да си ги купат своите намирници, но најголем проблем е како да си ги купат сите лекови кои им се потребни месец за месец, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во Изборната единица 2 Владо Мисајловски, кој беше во посета на скопската општина Гази Баба.
Мисајловски меѓудругото порача дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ линеарно за 5.000 денари ќе ги зголеми сите пензи.
„Затоа владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за многу скоро време после 8 мај, ќе започне со проект кој го ветуваме на сите пензионери, а тоа е зголемена пензија линеарно за 5.000 денари на сите пензионери. Сакам да ги повикам граѓаните на 24 април, а потоа и на 8 мај сите заеднички да излеземе што повеќе и да дадеме поддршка за Гордана Силјановска Давкова, а потоа и за нова влада на 8 мај формирана од ВМРО-ДПМНЕ, за поголеми пензии, за поголеми плати, за подобра економија за подобар стандард. Време е за промени“, порача Мисајловски.
Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 4, Венко Филипче на средбата со пензионерите пак потсети на досегашните заложби на Владата предводена од СДСМ за подигнување на стандардот на пензионерите. Тој рече дека и во новата програма ниту пензионерите, ниту останатите социјално ранливи категории не се изоставени и истата предвидува низа мерки за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите. Филипче потсети и на мерките кои ги реализирал тој како министер од кои пензионерите имале директен бенефит.
„Се грижиме за тие што се грижеа за нас и затоа сакам да ви порачам на сите пензионери овде во Радовиш, но и пошироко, дека гарантираме зголемување на минималната пензија до 20.000 денари и просечна пензија до 30.000 денари, како и усогласување на пензиите секој јануари и јуни“, објасни Филипче.
Тој додаде дека покрај зголемувањето на редовните месечни пензионерски примања, пензионерите ќе добијат и дополнителни 6 илјади денари како новогодишен пакет на крајот на секоја година.





