Филип Миркуловски најавува игра на победа против бранителот на титулата Германија вечерва од 18:15 часот во последното коло од групата Ц, која македонските ракометари би ги зацврстила на врвот на табелата и со која би пренеле четири бода во вториот круг во Вараждин.
„Неодамна реков дека дуелот со Германија во последното коло може да биде за првото место во групата. Ние пренесуваме најмалку два бода во следната фаза, а против Германија одиме на победа и на првото место“, порача средниот бек на македонската репрезентација, кој играше повреден прексиноќа против Црна Гора.
„Знаевме дека мечот против Црногорците ќе биде тежок, посебно поради тоа што многумина однапред ни ги доделија бодовите“, додаде популарниот Жути за победата од 29:28 над „ѓетиќи“ во претходното коло.





