Миовски: Ќе ми биде многу мило да почнам да погодувам и во националниот дрес

Бојан Миовски на одличната сезона во дресот на шкотски Абердин, за кој запиша 22 гола и 4 асистенции во сите натпреварувања, посакува да додаде погодоци и за фудбалската репрезентација на Македонија.



„Секогаш давам 200 отсто за клубот и за репрезентацијата. Секако, ќе ми биде многу мило да почнам да погодувам и во националниот дрес. Различно е чувството кога даваш гол за репрезентацијата и се надевам дека ќе ја искористам шансата ако ми се укаже“, стои во изјавата на напаѓачот за вебстраницата на Фудбалската федерација на Македонија.

Миовски и колегите од националниот тим, со кои се на подготовки во Анталија, ги очекуваат две контролни средби со Молдавија и со Црна Гора.

„Доколку целта е да играме на големо натпреварување, треба да играме со одлични репрезентации и на контролни натпревари. Молдавија и Црна Гора, а потоа и Хрватска во јуни, се одличен тест за нас. Треба да дадеме сè од себе, да ги слушаме насоките на селекторот, да се фокусираме на стратегијата и, се разбира, да се воигруваме за следниот циклус“, додава 24-годишниот штипјанец.