Бојан Миовски им ги стопли срцата на навивачите на Абердин со емотивната порака што им ја испрати преку „Скотиш сан“, во која не ја исклучува можноста еден ден да се врати на „Питодри“, каде што во минатите две сезони уживаше статус на најомилен фудбалер меѓу фановите на „донси“.
„Во фудбалот никогаш не се знае“, одговори 25-годишниот македонски напаѓач, кој постигна 44 гола во дресот на Абердин, кој денеска ремизира 2:2 во Глазгов со Селтик, со кој го дели врвот во шкотскиот Премиершип, а Миовски ни денеска не се запиша во листата на стрелците за Жирона, со кој загубија со 1:0 дома од Реал Сосиедад во шпанската Ла Лига.
„Мојата кариера дефинитивно ќе биде доволно долга и сè може да се случи, но она што го доживеав таму дефинитивно е нешто што сакам да се случи повторно. Абердин ми го промени животот. Како ме пречекаа играчите и навивачите беше неверојатно. Се чувствував многу среќен уште од првиот ден и тоа беше клучот за мојот успех во клубот. Поддршката што ја добивав на и надвор од теренот никогаш порано не ја почувствував – и како се однесуваа кон мене во јавноста беше неверојатно. Навистина уживав во секој момент во клубот. Секогаш ќе му бидам благодарен на клубот, ми дадоа можност да го остварам мојот сон. Ми дадоа шанса да бидам дел од клубот, а јас давав сè на теренот“, изјави стрелецот на мајсторски водечки погодок за Македонија во триумфот од 2:0 над Ерменија во Ереван во Лигата на нациите во неделата.
„Навивачите ми покажаа огромна почит, сите станаа и чувството беше неверојатно. За последен пат, на тој натпревар, ми покажаа колку навистина ме сакаат. Врската помеѓу мене и навивачите на Абердин е неспоредлива со ништо и, за мене, тоа беше клучот за мојот настап на теренот. Секогаш ќе им бидам благодарен“, се сеќава Миовски на простувањето со Абердин.






