Најмалку 20 лица се повредени, некои потешко, меѓу кои и едно дете, откако автомобил влета во толпа луѓе во центарот на Минхен денеска нешто пред 11 часот.
„Во нападот се повредени најмалку 20 лица, вклучително и неутврден број тешко повредени луѓе….“, изјави портпаролот на противпожарната служба во Минхен.
Претходно беше објавено дека очевидци за германскиот весник Билд изјавиле дека полицијата пукала во возилото откако удрило во група луѓе.
Полицијата сега потврди дека се пукало во возилото.
Според полицијата, осомничениот е 24-годишен авганистански државјанин, кој е барател на азил.
Полицијата додаде дека не верува дека инцидентот е поврзан со Минхенската безбедносна конференција, која почнува утре.






