Миновски: Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство ќе донесе долгорочен економски бенефит

Најавата за стратешко партнерство со Обединетото кралство особено ако се потврди и најавениот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал, ќе биде сериозен импулс за македонската економија, со пристап до поголеми пазари, поттикнување на извозот и привлекување странски инвестиции, нови работни места, оценува во изјава за МИА поранешниот министер за финансии Кирил Миновски. 



Според него, доколку се реализира со вистинска политичка волја и стратешки пристап, овој договор може да биде вистински чекор напред во меѓународниот имиџ и економската иднина на Македонија.

Миновски укажува дека Македонија како мала држава и економија, во денешниот глобален контекст, мора да гради стратешки сојузништва со земји кои имаат капацитет да влијаат врз светските текови на политика, економија и безбедност. –  Една од тие земји е и Обединетото Кралство, кое, по излегувањето од Европската Унија, сè повеќе го пренасочува својот фокус кон билатерални односи, особено во региони од стратешко значење како што е Западен Балкан. Истовремено, со тоа што САД сè повеќе се фокусираат на внатрешни прашања и Индо-Пацифичкиот регион, Обединетото Кралство станува сè поважен партнер за нашата надворешна политика. Историски, Велика Британија има континуирано присуство и интерес во регионот на Балканот. Најавата за стратешко партнерство, особено ако се потврди и најавениот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал, би претставувала сериозен импулс за македонската економија, вели Миновски за МИА.

Од економски аспект, потенцира, пристапот до поголеми пазари е особено значаен. Велика Британија е водечка земја во Комонвелтот, што отвора можности за поттикнување на извозот и привлекување на странски инвестиции. Веќе имаме позитивен пример во компанијата „Џонсон Мети“, која е еден од најголемите странски инвеститори во Македонија, како и присутност на британски компании во рударството.