Министрите Мисајловски и Тошковски на Конференцијата во Минхен: Македонија мора да биде активен учесник во меѓународниот дијалог

Сегашните политики во поглед на регионалната и глобалната безбедност беа темите на разговорите на министрите за одбрана и за внатрешни работи на Република Македонија Владо Мисајловски и Панче Тошковски на Конференцијата за безбедност, која се одржува во Минхен, во Германија. Делегацијата на Република Македонија ја предводи претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

„Безбедноста е темел на стабилна држава! Во услови на нови глобални закани Македонија мора да биде активен учесник во меѓународниот дијалог. Нашата улога во НАТО, регионалната стабилност и борбата против транснационалниот организиран криминал се клучни не само за нас, туку и за европскиот безбедносен систем. Силна Македонија на меѓународната сцена! Нашето присуство тука покажува дека Македонија не е само набљудувач, туку активен учесник, држава со визија и јасни позиции. Се бориме за заслуженото место во Европа и за безбедна, стабилна и перспективна иднина за сите граѓани.“, изјави министерот за внатрешни работи на Република Македонија Панче Тошковски.

Министерот за одбрана на Република Македонија Владо Мисајловски имаше средба со заменик помошникот секретар за одбрана на САД Дејвид Бејкер, со кого разговараше за сегашните политики во поглед на регионалната и глобалната безбедност и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија.

„Бејкер го истакна македнскиот придонес во поглед на безбедноста на балканскиот регион и источното крило на НАТО. Мисајловски присуствуваше и на средбата со премиерите на македонската и хрватската влада Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ, на која се разговараше за развојот на меѓусебната севкупна соработка и поддршка во контекст на проширувањето на Европската Унија и влијанието на безбедноста на Балканот за постојан развој на државите од овој регион.“ – наведува Министерството за одбрана на Република Македонија во соопштението.

Денеска министерот Мисајловски учествува на работниот ручек на покана на својот германски колега Борис Писториус и ќе учествува на седницата, посветена на новите политики на американската администрација, на покана на Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД за посебни мисии. „На Минхенската безбедносна конференција учествуваат лидери и донесители на одлуки од целиот свет и на неа се расправа за прашања од меѓународната безбедносна политика. Целта на оваа безбедносна конференција е воспоставување дијалог и градење доверба, заради мирно решавање на судирите.“ – наведува Министерството за одбрана на Република Македонија.