Министерството за здравство денеска го повтори ставот дека решение за приватните специјализанти кои од понеделникот се во штрајк ќе има по изборите.
Над 400 приватни специјализанти пред четири дена стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски, со барања да им биде зголемен надоместот што им се исплаќа во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, да добијат здравствено осигурување и да им се реши статусот што сега им е со договор на дело.
„ На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности“, наведува МЗ во соопштение.
Во однос на двете барања на приватните специјализанти, посочува дека „дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10 проценти од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок“.






