Министерството за култура несоодветно чувало книги во вредност од 6,6 милиони евра

Министерството за култура несоодветно чувало дури 686.318 книги, вредни 6,6 милиони евра, и не може да ги распореди низ институциите, затоа што ниедна не сака да ги земе. Книгите потекнуваат од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, утврди Државниот завод за ревизија, кој издаде неповолно мислење за тоа како Министерството за култура ги трошело нашите пари во 2023 година. Неповолното мислење е за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, а за усогласеноста со законската регулатива и упатства, мислењето е со резерва. Министер во периодот на кој се однесува извештајот беше Бисера Костадиновска Стојчевска.



Во ревизорскиот извештај се нотирани многу неправилности во работењето на Министерството, кои се провлекуваат со години.

Во однос на евидентираниот книжен фонд на Министерството, со извршената ревизија утврдено е дека потекнува од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, во вкупен износ од 408.123 илјади денари и вклучува 686.318 примероци. Поради непостоење на план за дистрибуција на отпечатените и недистрибуираните книги, се создава значителен проблем со сместувањето на оваа голема количина, дополнително усложнет од недостигот на интерес од државните институции за преземање на книгите поради исполнетост на нивните капацитети“, соопшти ДЗР.