Министерот за образование Шаќири му одобри и медицински факултет на универзитетот на Мерко, кај што бил „доцент без призната диплома“!

„Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои Рамиз Мерко,  градоначалникот на општина Струга, отсега ќе има и Факултет за медицински науки. Ваквата одлука ја одобрил министерот за образование и наука во заминување Јетон Шаќири, кој е стружанец и сопартиец на Мерко во ДУИ.“објави информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“.



„Инфошќип“ пишува: Идните студенти ќе можат да студираат медицински науки во оваа приватна високообразовна институција, која има и неколку други гранки како што се факултетот за економски науки, правниот факултет, информатика и политички науки. Од Министерството за образование и наука потврдија дека се исполнети условите за започнување медицински студии на УНС. Позитивно мислење дадоа и Агенцијата за квалитет на високото образование и Одборот за акредитација.

„Министерот за образование Јетон Шаќири од ДУИ бил доцент кај Мерко без признаена диплома. Нему над главата му стои спорното именување како доцент во универзитетот на Мерко. Спорна е 2016 година, кога, според биографијата, од 29 ноември 2016 година Јетон Шаќири како доцент е наставник по група предмети од областа на економските науки на Меѓународниот универзитет во Струга. Струшкиот универзитет на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се поврзуваше со издавање фалсификувани дипломи.“ – има напишано „Фокус“ во својата анализа со наслов „Министерот за образование бил доцент кај Мерко без признаена диплома“, која е објавена на 10 јули 2022 година.

Во таа анализа, покај другото, „Фокус“ има истакнато: „Аферата со дипломите на струшкиот универзитет пукна кога во 2018 година, Илиевски заедно со уште еден инспектор беа избркани од универзитетот, каде што требало да извршат повторен инспекциски надзор за утврдување на спроведувањето судска одлука, донесена во 2015 година по пријавата од МВР за постоење фалсификувани дипломи на универзитетот. По пријавата на МВР од 2015 година, инспекторите извршиле надзор и констатирале дека има стотици студенти од странство (од Турција), кои студираа на Меѓународниот универзитет во Струга, а кои биле запишани без да им бидат нострифицирани дипломите во Македонија, од претходното образование што го стекнале во нивната земја.“

Инспектори од Државниот просветен инспекторат, по инцидентот што се случи на Меѓународниот универзитет во Струга во 2018 година, редовно вршеле инспекциски надзори таму, но сѐ било чисто! На чело на Државниот просветен инспекторат во 2020 година беше именуван Ардиан Муслиу, кадар на ДУИ, па сега излегува дека сите неправилности во образованието ги контролира ДУИ, со свој министер и со главни луѓе во инспекторатот.