Министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани во посета на Македонија

„Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија Тимчо Муцунски денеска ќе му биде домаќин на министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија Антонио Тајани. Покрај средбата со неговиот колега Муцунски, Тајани ќе се сретне и со претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и со премиерот Христијан Мицкоски.“ – објави информативната агенција Нетпрес.

Нетпрес пишува: Како што е наведено во соопштението од Министерството за надворешни работи, за време на разговорот се очекува да бидат разменети мислења за односите меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и повеќестраната соработка, како и за иднината на проширувањето на Европската Унија и поддршката од Италија за Македонија. Ќе се разговара и за можностите за дополнително засилување на соработката во различни области.

Тајани во Скопје ќе допатува од Црна Гора. Посетата на двете држави, како што соопшти италијанската амбасада во Скопје, е потврда на постојаната посветеност на Италија за развој, стабилност и стремеж за европската интеграција на Западниот Балкан.

„Западниот Балкан е приоритет на нашата надворешна политика, на која ѝ посветуваме постојано внимание, исто така и на повеќестрано рамниште, претседавајќи со групата ‘Пријатели на Западниот Балкан’, со која повторно ќе се сретнам во Њујорк за неколку дена.“ – изјавил Тајани пред посетата на двете држави, додавајќи дека со мисиите и бизнис-форумите, што се одржуваат со сите земји од регионот, се отвораат нови патишта за зајакнување на извозот и инвестициите на италијанските компании.