Министерот за земјоделие Николовски ја искритикува својата партија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски деновиве несвесно ја нападна сопствената партија за законскиот систем преку кој се решаваат кризите во земјата.



Тој во обиколка на активни пожари во Скопско завчера посочи дека во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица, даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за кои, за дел од нив постои сомнеж дека се намерно подметнати.

– Тоа што сигурно како Влада ќе го направиме, ќе биде реформа во системот за одговор на кризи – овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред како и се друго во нашава земја и веќе нема да се случува – додаде Николовски, пренесоа македонските медиуми.

„Со овој закон се уредува системот за управување со кризи во Република Македонија, и тоа: организацијата и функционирањето, одлучувањето и употребата на ресурсите, комуникацијата, координацијата и соработката, процена на загрозеноста на безбедноста на Републиката, планирањето и финансирањето, како и други прашања сврзани со системот за управувањето со кризи.

Системот за управување со кризи се органкзира и остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија (во натамошниот текст: Републиката) или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување воена или вонредна состојба.

Системот за управување со кризи опфаќа и прибирање на информации, процена, анализа на состојбата, утврдување на целите и задачите, развој и спроведување на потребните дејствија за превенција, рано предупредување и справување со кризи“, пишува во членот 1 од законот предложен од СДСМ.

Законот за кризи со кој е воспоставен системот за одговор на кризи во земјата е донесен во 2005 година од страна на владата предводена од Социјал – Демократскиот сојуз.