Андоновски на глобалниот самит на влади 2025 ќе се осврне на иновациите во управувањето со јавната администрација и дигиталната преобразба

Министерот за дигитална трансформација на Република Македонија Стефан Андоновски се наоѓа во тридневна посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што ќе присуствува на Светскиот самит за влади 2025. Поканет е од неговиот колега Омар Султан Ал Олама, министер за вештачка интелигенција, дигитална економија и апликации за работа на далечина. Андоновски ќе присуствува на глобалниот самит под мотото „Обликување на владите на иднината“.Самитот ќе се насочи кон клучни теми: идни технологии и вештачка интелигенција, одржлива енергија и климатски промени и глобално здравство и економска стабилност. Андоновски ќе се осврне на темите за иновациите во управувањето со јавната администрација и дигиталната трансформација.

Овој глобален самит ќе собере повеќе од 30 шефови на држави и влади, 400 министри, 80 претставници на меѓународни организации и 140 владини делегации за да дискутираат за глобалните предизвици и да креираат иновативни решенија за иднината. На самитот ќе присуствуваат и водечки технолошки и бизнис лидери како: Елон Маск, кој е извршен директор на Tesla, SpaceX, xAI и Twitter/X, Сундар Пичаи – извршен директор на Google, Лари Елисон – соосновач на Oracle, Клаус Шваб – основач и претседател на Светскиот економски форум и Даниел Динс – извршен директор на UiPath.

Во рамки на посетата, Андоновски ќе оствари билатерални средби со домаќинот министерот Омар Султан Ал Олама, со Мохамед Хамад Ал Куваити, шеф на одделот за сајбер-безбедност на Владата на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Советот за сајбер безбедност, како и so Абдула Насер Лота, заменик министер за кабинетски работи за конкурентност и размена на знаење.

Светскиот самит за влади 2025 има за цел да поттикне меѓународна соработка, да ги инспирира идните генерации на влади во пронаоѓањето иновативни решенија, што ќе го подобрат животот на луѓето во светот