Црногорската Демократска партија на социјалистите (ДПС) го номинираше лидерот, Мило Ѓукановиќ, за свој кандидат на претседателските избори следниот месец.
Ѓукановиќ, поранешен премиер кој му се спротивстави на Кремљ со тоа што ја внесе Црна Гора во НАТО, по номинацијата вчера рече дека на земјата ѝ треба „дополнителна мудрост и одговорност“, за да го избере правецот кон членство во ЕУ а не кон Русија.
„Оваа одлука е израз на она што го гледам како моја одговорност кон идните потреби и развојот на Црна Гора“, рече Ѓукановиќ по номинацијата пренесува РСЕ.
Последниот рок за пријавување кандидати за претседателските избори што треба да се одржат на 15 април истекува на 26 март и прв пат се случува кандидатурата на Ѓукановиќ да се објавува толку доцна.
Седум други кандидати објавија дека се кандидираат на изборите на 15 април.
Мило Ѓукановиќ (56) кој во 2016-та најави дека се повлекува во политичка пензија, од 1989 е централна личност во политиката на Црна Гора како премиер и претседател.
Поранешен сојузник на српскиот водач Слободан Милошевиќ, Ѓукановиќ стана најмладиот шеф на владата во Европа на 29 години во 1991 година и оттогаш шест пати ја извршуваше функцијата премиер, вклучувајќи ја и функцијата претседател од 1998 до 2002 година.
Тој е единствениот поранешен југословенски лидер кој остана на власт од 1990-тите до денес. Според листата на Форбс на најбогати шефови на држави тој е на 20 место во светот, со богатство од $ 14.8 милиони.
Сегашниот црногорски претседател Филип Вујановиќ отслужи два последователни петгодишни мандати откако Црна Гора стана независна нација и не може повторно да се кандидира.