Ексминистерот за надворешни работи и претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието до мај минатата година, пратеникот Антонио Милошоски, бара да не се менува Уставот со бришење на сегашното уставно име, кое во највисокиот правен акт се споменува 288 пати.
Тој апелира Владата да не дозволи замена на Македонија со некоја од варијантите што се сега во оптек како Нова, Северна или Горна Македонија.
„Заев и Ципрас на средбата во Давос пребројале дека поимот ‘Република Македонија’ во Уставот на државата се спомнува 288 пати.
Точно! И тоа не смее да се менува“, порачува Милошоски, кој како шеф на дипломатијата точно ги знае грчките црвени линии во спорот за името.
Според неофицијалните најави од Атина и според јавните барања на Нова демократија, Македонија покрај промена на името за меѓународна употреба, ќе мора да го смени и Уставот и личните документи во кои веќе не смее да пишува Република Македонија.





